ПОНЕДЕЛНИКУ, ОДИ ПО ЃАВОЛИТЕ

Понеделниците знаат да бидат многу тешки. Знаете, понеделник прв ден на работа после викенд. Барем за повеќето. За некои не се знае ни празник ни делник. Овој понеделник за мене не беше работен. Ни претходниот. Ниту деновите измеѓу. Имав "слободни" денови. А денови ли се денови кога од утро до вечер со едно легнуваш со истото стануваш. Како да ја победиш оваа злобна болест која ти го онеспособува телото, ти го напаѓа организмот и ти го заробува умот. Но тоа е друга приказна која ќе ви ја раскажам некој друг ден. Кога ќе бидам подготвена. Можеби некој друг понеделник. Или среда, за да биде среќна. Не знам кога ама не денеска. Денеска ќе ви раскажам за понеделников. Понеделников кој ми беше претежок. Ме уништи, како да дотраев веќе. Како да ми ја исцица целата енергија која и онака малку ја имав. Како да сакаше да ми каже дека ништо не е готово и дека допрва почнува мојата борба Борбата која како што можам да видам ќе ја водам сама. Борбата да успеам да ги соберам илјадниците парчиња на кои ми се распарчи душата. Како да сакаше да ми каже дека срцето допрва ќе ме боли за сé што беше и сé што можеше да биде поинаку. Понеделников беше толку мизерен обидувајќи се да ми покаже дека ништо нема да е како порано. Толку се трудев да се кренам, а тој упорно ме притискаше надолу. Ме газеше по лицево со чизмите извалкани од дотраениот снег измешан со кал притискајќи со целата сила. На моменти помеѓу солзите му се смеев на глас. Сакав да му покажам дека ништо не ми може. А во себе се плашев до смрт. Понеделнику те мразам од дното на душата. Денеска ме направи толку беспомошна и безнадежна. Денеска никој не ме праша како сум. И кога мислев дека си ме победил стигна мојата надеж. Денеска конечно успеав да соберам сила да ја искапам мојата прекрасна 3 годишна ќерка. И додека ги чистев тие мали ноктиња од бескрајната игра во паркот и кога и последното беше чисто бело, таа ме погледна со восхит и прегрнувајќи ми рече: Вауу мамо ти си суперхерој! За едно мало бело чисто нокте. Успеав! 

Понеделнику, оди по ѓаволите! И кажи му на следниот да се подготви добро, го чекаат две суперхероини!







Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ