ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ

Потоната во сопствените мисли заборавив дека ставив вода за чај. Водата веќе вриеше, чајникот свиреше, а моите мисли се средуваа полека. Ја тргнав водата од оган и за миг подзастанав. Каков чај да ставам? Вчера ги ставив последните цветови липов чај. Чај од лушпи од орев и лушпи од кромид ми е повеќе како лек за грло, сега ми треба чај да си ја стоплам душата. Планинскиот одамна заврши, ванила и јагода ми звучеше премногу оптимистички. Го отворив делот во кујната каде вообичаено чувам различен чај во кесички. Чај за мирен сон, чај за добра ноќ, црн чај.. па добро има ли нешто за во попладневни часови кога си сам со своите мисли и сакаш да уживаш во тишина? Еве го! Уште една кесичка остана. Чај од мајчина душица. Ја земав кесичката и ја ставив во жешката вода. Си реков додека чајот "се направи" ќе одам да ги извадам алиштата од пералната, да ги ставам во сушарата и да наредам нова облека за перење.

Кога се вратив како чекорев кон трпезаријата чувствував опоен мирис. Мирис на мир и спокој, нежен мирис на чистота и топлина. Одамна не бев пиела чај од мајчина душица па бев заборавила како мириса. Но овој пат беше поинаку. Мирисаше волшебно. На спомени. Ме потсети на детството. Чајот беше незаменлив дел од нашиот дневен, утрински или вечерен ритуал. Од октомври до мај се пиеше чај секој ден. Секогаш природен, набран, исушен подготвен за есен и зима. Чај за појадок, чај после ручек, чај пред спиење. Чај пред да излезам на училиште, топол чај кога ќе се вратам од факултет премрзната и уморна. Чај кога сум болна пред спиење за помирна ноќ. Имавме мало тенџерче со црвен капак на кое последните години ако добро се сеќавам му беше скршена и рачката. Стоеше на крајот од шпоретот на дрва, секогаш полно со вода подготвена во секој момент да заклокоти. Со чај лечевме болно грло, мачнина, главоболка, душоболка, сиромаштија, лечевме успешно секакви рани. Што и да беше, немаше нешто што еден топол чај подготвен од мајка ми не можеше да го победи.

Знаете колку убаво мириса мала соба со шпорет на дрва на кој се вари чај? Ах, да беше само чајот. Секоја есен и зима мирисаше на печена или варена тиква, на печени кикирики и семки од тиква, на кифлички и пита, на сарма и зелник, на кора од портокал и мандарина. Додека си сипував од чајот ги затворив очите и со блага насмевка помирисав. Мирисот на мајчина душица ме потсети на мајка ми, на детството, на куќата во која израснав и која иако стара секогаш беше чиста и мирисаше најубаво. Ме потсети на животот.

Само што ја испив првата голтка, заѕвони ѕвоното. Ќерка ми и сопругот се вратија од прошетка. Таа не пие чај. Жалам што не успеав да ја научам да го сака. Можеби има вистина во тоа дека лесните времиња раѓаат слаби луѓе, а тешките времиња силни луѓе. Па потоа слабите луѓе прават тешки времиња, а силните луѓе прават лесни времиња. Во лесни времиња чај не се пие. Чајот излади, ама мирисот секогаш ќе остане. Со него и спомените.



Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам