Posts

Showing posts from September, 2019

ТЕМНИНА

Image
Колку тага ми насобрала душава,  колку жал ми тежи на плеќите.  Како цел свет на клепки да го носам, а тој пуст да е,  тежок од неправди, од болка и несреќи.  Ме налегнал, ме сардисал. Колку ми е исплашено срцево,  црна да не ми остане душата.  Празна како дупка голема, црна како Арапина,  празна како пустина. Колку болка чувам во очите,   да ми погледнеш, та да занемеш.  Колку солзи ронам од јадови,  од сомнежи,  колку само тајни кријам неброени. Колку ми е изморено телото,  како сто возови да ме прегазиле,  како сто стапа одеднаш да ме покориле.  Не ме крепат нозеве што не знаат кај одат. Не ме држат рацеве што немаат кого да прегрнат. Колку ми е умот заматен,  исто му е дал ноќ е ил огреал ден.  Како матна вода, како ветар силен,  носи сѐ со себе, како оган гори,  се мачи, се пусти, да издржи се бори.