ЗА ДЕДО МИ


Колку силно може една внука да го сака својот дедо? Бескрајно многу, ќе ви кажам јас. Единствено за што жалам е што мислам дека тој никогаш не дозна за тоа.
Дедо ми.
Колку љубов тој ми даваше. Му кипеше од очите кога со солзи ќе ме здогледаше како ја отворам влезната порта. Му ѕвонеше од грлото кога ќе ми речеше Кај си злато мое. Му црвенееше љубовта на образот кој му го бакнував, а за кој тој мислеше дека е стар, иако свежо избричен знаејќи дека ќе им појдам на гости. Тој ист топол образ кој не знаев дека претпоследно ќе го бакнам за Божиќ и десетина дена подоцна за последен пат. Скаменет, како и моето срце.
Дедо ми.
Се присетив на него вечерва кога погледнав стари фотографии и видео. Сестра ми ми испраќа нешто и вели: “Да видиш нешто сама, за да не гледаме заедно повеќе ќе плачеме. Ајде- велам”. 
Пред повеќе од 25 години. Свадба на тетка ми. Прво танго, младоженците, секој со својот пар. Јас и дедо ми. Ние си бевме пар. Сите фатени на оро, јас и тој свое. Ние двајца тим, јас на чело ороводец тој на кец. Гледам едно насмеано дете, блика од среќа, со својот херој под рака. И плачам, плачам како да сум тоа исто дете. Врели солзи ми го квасат лицето, во грлото грутка ми стои, и пак не знам дали сум неизмерно тажна или повеќе лута и бесна што го нема. Не знам дали јас бев посреќна што тој е мој дедо или тој беше погорд што јас сум негова внука.
Дедо ми.
Кога јас бев болна, тој беше три пати повеќе. Една настинка, обична кашлица да имав, тој беше потиштен, чмаеше со погледот насолзен. Не дај боже нешто посериозно. А јас па таква иста како него, како крушка паѓав ако се разболам. Ден денес блиските се шегуваат со мене дека кога ќе се разболев облекував пижами, ставав чиста бела постела, легнував и објавував дека сум болна. Да не беше трагично ќе беше смешно. И тој секогаш беше тука. Мојот ангел чувар. Мојот спасител. Мојот личен шофер со бело фиќо. На инекција, на инфузија, терапија, појди, дојди. Само ќе настинев и ете го, донел овошје, портокали, лимони, киви. Здрава не можев толку да изедам, а не болна. Како вчера да беше се сеќавам, ќе влезе и ќе извади канче кисело млеко од под пазуви. Ајде дедо, ќе рече. Малку да се освежиш.
Ах, дедо. Ми горчи откако те нема. Пелин ми е душава.
Дедо ми.
Понекогаш се прашував, има ли нешто што овој човек не знае да направи. Има ли нешто во што овој човек не се разбира. Има ли нешто што овој човек не може да поправи. Автомеханичар по вокација, во слободно време мајстор и кондураџија, искусен земјоделец, од спорт риболовец. За луѓето човек. Во животот паталец. На луѓето им се обраќаше со душо и срце, мене ме викаше злато, а баба ми ја викаше пиле. 
Иако таа почесто беше гавран...
Дедо ми.
Знаеше цело маало да го забавува со приказни до доцна во летните ноќи, а сепак најубавите ги чуваше за мене. Тој беше ист како оној- ајде дедо кажи уште една. Секогаш неуморен, отворен за разговор, тука за да ти се најде, расположен да помогне, доволно маж да се спротивстави на неправди, доволно сочувствителен да заплаче за туѓи несреќи. Човек џин, со душа од кашмир. Едно срце како планина, со две раце цел живот го беше издигнал.  

Ми недостасуваш многу дедо. Кога дотрчав да те видам во болница пред повеќе од 5години, те видов таков силен, голем, срцето ти биеше силно и јако. Мислев дека ќе издржиш. Мислев дека ќе се избориш. Како што се избори речиси една година претходно. Кога те чекав пред вратата на операционата сала и ми олесна кога те видов како ја креваш раката на прашањето од докторот, дали ме познаваш. Кога доаѓав да те видам, да ти правам друштво, да те охрабрам, да те насмеам да ти кажам дека ќе биде сево ред. Те засмејував тебе и твоите цимери, а ти се правеше важен и беше горд на својата внука. Не знаеш колку се плашев и тогаш, колку само бев исплашена додека те убедував да не се грижиш дека тој страшен хематом на образот е резултат од операцијата на максилофацијална, ќе избледи и се ќе биде како порано. Долго не ми даваше да те бакнам на тој образ. Се додека не избледи целосно, од Божиќ до Водици. 
Велат една врата се затвора, се отвора друга. Една рана се излечи, се отвори друга. Од тогаш јас на срцево белег носам.

Колку приказни останаа нераскажани. Колку совети не дадени. Колку бакнежи не споделени. Колку работи недокажани. Не ме виде таму кај што ми посакуваше. Не ме слушна таму кај што не ни замислуваше. Не ме виде невеста. Не остави златник за крштевка, ќерка родив, Калина.

Сега таа има еден дедо кој ми се чини ќе биде за неа тоа што беше ти за мене. И таа за него. Таа е моја копија, а верувам тој ќе биде твоја. Јас ќе ја научам секогаш да го почитува, да биде послушна, да му биде пријателка како јас тебе. Се надевам само дека дооооолго ќе другаруваат. И кога еден ден ќе видам како ја ужива неговата наклонетост, кога ќе видам дека љубовта му кипи, грижата го тишти, гордоста го радува, ќе и се насмевнам и ќе и кажам- И јас познавав еден таков дедо. Мојот дедо медо!



Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ