За Нова година сакам повеќе луѓе како личноста што го најде мојот паричник

31-ви декември, сабота. 
Погледнувам на часовникот, нешто помалку од 11 часот. Во 11:30 имам закажано фризер и козметичар. Станувам набрзина, сецкам јаболко, банана, две парчиња мандарина, една лажица семки, некое индиско оревче, бадеми, малку јогурт и во блендер. Додека врти блендерот, ми се вртат мисли во главата. Дали ќе стасам да завршам денес сé? Ќе имам ли време за сите обврски? Фризер и козметичар, печено месо, елка од тесто и салата за вечер, пакување торби за утре..? УФ, никогаш немам време, постојано брзам некаде                                                                                              

-Нели му е доста?

-Аха да- се сепнав. Го исклучив блендерот. Наполнив две чаши.

-Повели душо.

-Благодарам.

Се вртам наоколу, што прво. Се истуширав со брзина на светлината. Се облеков, косата ја собрав лошо, и онака ќе одам на фризер. Се сетив на алиштата од машината. Ги редам алиштата на сушара. Едно парче облека, една голтка смуди. Правам тостови. Време е да излеземе од дома, а јас имам уште малку работа. И уште половина чаша смуди. Во тој момент sвони телефонот. Фризерката ќе доцни половина час. Одлично! Останувам да завршам уште нешто. Ги редам садовите во нивната машина. Ја пуштам. Го допивам смудито. Половина час помина дури да трепнеш. Или да голтнеш. Излегувам, заклучувам и мислам дали ќе го фатам автобусот. Сега јас ќе доцнам. Се симнувам по скали, практично трчам. Немам време за лифт. Со автобусот доаѓаме во истовреме. Влегувам, го вадам паричникот, купувам карта кај возачот. Се качувам горе и седнувам. Гледам низ прозорецот. Леле ќе доцнам. Дали заклучив? Сигурно, како и 100 пати дотогаш. Ама дали и овојпат? Ќе се исушат ли алиштата до вечер? Еееј заборавив да извадам месо од замрзнувачот! Еј како можев да заборавам! Како можевме да спиеме толку. Кој не тераше да гледаме филмови до доцна ноќта. Мислам до утрото. Треба и да испазарам уште нешто. И да купам нова долна облека. Не мора да е црвена само да е нова. За дочекот. Да не се засрамиме пред Новата година со стари гаќи. Колку сум комплицирана!

Стигнавме на автобуска. Излегов со брзина на светлината. Погледнав на часовникот, доцнам 15мин. Речиси трчкав.

-Здраво! Стасав јас.

-Здраво. Седни срцка да ја допушам цигарава.

Ок нема веза. А јас толку брзав. Најверојатно од брзањето(читај:Трча) и ладниот воздух, грлото ми се исуши. Како да ме болеше( секое утро последната недела се будев со мисла дека ќе се разболам, затоа што сите околу мене беа болни- дома, на работа, колеги, пријатели, сé живо се бореше со грипот) Сега ми се чинеше како и мене да ме фаќа(грипот) .

-Кате, додека завршиш со цигарата да одам до аптека ако има време?

-Оди, ако.

Се нурнав во ташната.
Ми го нема паричникот! Го нема! Едноставно го нема! Во џебот на јакната(понекогаш и таму го чував, со сиот памет) го нема! Ау, се препотив.

-Ми го нема паричникот!- извикав.
- Како бе го нема!- извика Кате.

Го немаше, едноставно го немаше! Го имав додека.. додека купив карта и седнав во автобусот. Во автобусот! Излегов како фурија! Пак трчав. Добро што Кате е блиску до автобуската. Во глава ми вртеше блендерот. Мисли рој. Парите.. леле кој ме тераше сите пари да ги носам. Сите, како честитката од фирма,  како парите од мама да си купиме нешто за Нова Година, како парите... леле Нова година! Па биваше ли баш денес!  Баш на Нова година! Не, не, арно велам јас, малер и марфи ми се најверни пријатели. Немам среќа јас. И не ми беше за парите толку, колку за документите. Па личната карта ми беше нова. Џилит нова! Со нови податоци, скоро ја бев земала.
И картицата со сите(многy) парички на неа. Таа дури и не беше моја. Леле како ќе му кажам: Душо јас ти ја изгубив картичката. Да, да знам веќе никогаш нема да ми дадеш друга. Уфф..   

-Добар ден, јас сега, пред 10 мин се симнав од 41 и.. паричникот, не знам... го изгубив , ве молаам.. автобусот..

-Чекај мила, полека кажи, ништо не разбрав. 

И објаснив на жената, точно во колку се симнав од автобусот, каде седев, кога се качив.  Не била во моментот тука, не запишала кој возел. Не го ни видела. Ха, па тоа може само мене да ми се случи и на никој друг! Се јавува она ваму- таму, јас тупкам во место. Личната карта, ах леле колку сум смотана! Пак се сетив дека не извадив месо од замрзнувачот. Смотана!
Успева да добие некој на телефон, нешто нејасно кажува(или јас така разбрав) нашол некој нешто, не е сигурен што. Ми кажува да се вратам за еден час. Еден час? Ау ќе биде тоа најдолгиот час. Мене ми почна возбудливо денот. Ја немаат сите таа среќа! Минатиот 31-ви добив прстен, овој ќе добијам срцев удар. Возбудата е таа!
Ми sвони Кате.
-Што направи срцка, ќе се фенираш?

Да, да, барем кога ќе соопштам дека го изгубив паричникот да бидам со фризура.
-Свечено објавувам дека го изгубив паричникот со сите пари, со сите документи, со новата лична карта и дека нашето патување утредента е под знак прашалник. Среќна Нова година и среќна годишнина! Повелете печено месо!
Се враќам кај Кате. Таа ме убедува да ми ја среди косата, да се опуштам. Седнувам, и онака имам време. Па луѓе го изгубив паричникот, нема сега да паднам болна и да престанам да живеам. Само ќе се исфенирам, ќе се издепилирам и ќе направам нокти. Црвени, со снегулки.
Помина времето и се вратив на автобуска. 
Си зборував со жената таму додека го чекавме автобусот. Таа мисли дека сум чепкала по телефонот, а јас гледав низ прозор додека чепкав низ главата и се препелкав во мислите што ми го матеа умот.  На печатот со кој работеше таа беше напишано моето име.
-Кој се вика така? -прашав
Јас- рече женичката. Леле и јас- извикав. Се насмеавме и двете. И тогаш таа ме погледна и ми рече да не се надевам многу, дека ако го најдат тоа ќе биде ... Среќа! Чиста среќа! И повтори три пати. Ах, го е.... ежот! Значи ништо од паричникот- си помислив.
Конечно дојде и автобусот. Никогаш не сум му се радувала повеќе! И двете имењачки како дечиња кои чекаат играчка пред врата. Се симна возачот со празни раце. Јас молчам. Жената му се тутна.
-Најде ли паричник, на девојчево е, чека- му објаснуваше.
мала повеќе пари. Јас молчам.
-Тука е, ама нема пари. -вели тој.
Јас молчам. Таа лелека. -Ах бре дете што среќа ќе имаше.
Јас молчам. Во себе размислувам само за таа една сликичка во паричникот. За новата лична карта и за неколку скриени пораки помеѓу преградите. Со парите се опростив веќе.
Возачот се смее задоволно и ми го подава паричникот.
-Повели. Се шегувам. Не го ни отворив. Само што влегов една патничка слезе и ми рече дека некој заборавил паричник на едно од седиштата во автобусот.
Солзите го најдоа својот пат. Врели солзи се спуштија по моите студени и вцрвенети образи. Некој нашол паричник и не го земал за себе? Некој не ги извадил парите и не го фрлил мојот паричник со моите спомени во контејнер? Замисли наслов на вест: Нашла паричник и го вратила на сопственикотРеткост, вистинска реткост драги мои! Која ли е таа, од мајка родена?
Го земав паричникот, го отворив. И се радував на таа слика како прв пат да ја гледам. Со прстите прошетав низ преградите. Излегоа секакви картички, пораки, спомени. Парите не ги ни преброjав.  
Се заблагодарив од срце на возачот и на жената со исто име како моето. Се чудев дали е можно? Го изгубив паричникот во полн автобус, во кој уште којзнае колку луѓе се качиле. И се најде една личност од мајка родена, која ми го врати. И тоа е.. среќа, чиста среќа! Среќааа! Повторував во себеЈас сум среќна!
На последниот ден од годината научив важна лекција. Животна лекција. Си ветив на себе си дека повеќе нема да брзам низ животот. Нема да брзам никаде, за никого и за ништо. Затоа што колку повеќе брзам, толку порано ќе стасам на крајот. Научив дека што може да донесе мигот не може да донесе животот. Затоа ќе живеам секој момент. Ќе бидам присутна секој миг од животот. Научив дека среќата ја прават малите работи. Колку излитено, милион пати кажано, а толку вистинито. Среќата е во секојдневните мали работи кои ни се случуваат. И таа не е далеку, тука е блиску пред нашите очи, пред нашите нозе, пред нашата врата, на седиштето пред нас. Научив дека колку помалку очекуваш, толку повеќе добиваш. Научив дека сé уште постојат добри луѓе. Луѓе кои не те ни познаваат, а со нивната човечност те прават среќен. Ти го прават денот поубав. Животот. Такви луѓе му се потребни на светот. Веќе знаев која е мојата желба за Новата година. Кога стрелките ќе се бакнат на полноќ, јас знаев што да посакам. Посакувам да постојат повеќе луѓе како личноста што го најде мојот паричник. Колку подобро место за живеење би бил светот кога во него би живееле такви луѓе. Колку такви луѓе има? Доволно за посреќен свет?
Таа можеби мисли дека ми го врати само паричникот. Не. Таа ми ја врати вербата во луѓето. Вербата во животот. Вербата во себе. Ми даде втора шанса да станам подобра личност. Таа ми даде нов живот. Живот во кој јас сум посреќна личност. Чуда се случуваат. Треба само силно да веруваш. Јас верувам.

Ти благодарам за тоа. 

Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ