РУМ СО ПОРТОКАЛ

Понекогаш посакувам да те запознаев сега. Сега, откако сум потешка за стотици ситни грешки кои ги префрлам од едното рамо на другото. Сега, кога созреав доволно за да не се сопнувам на секоја пречка на патот по кој одам. Да те запознаев сега, ќе ти кажев нешто друго за себе. Немаше да ти кажам дека сум плачка. Немаше ни да ти кажам дека сум романтична. Немаше ни да бидам. Ќе ти кажев нешто друго, што и да е, само сигурно не она што ти го кажав првиот пат. И немаше да пијам рум со портокал. Да те запознаев сега, немаше да ти кажам дека јас не знам да лажам. Да те запознаев сега, ќе те излажев дека не знам да лажам. 

А понекогаш посакувам да те запознаев многу порано, таму далеку.. многу одамна. Кога не бев ни доволно паметна ни доволно возрасна, за да знам што е правилно, а што погрешно. Што е лошо, а што добро. Тогаш кога се' уште плачев за оценка во училиште, за лошо сошиениот матурски фустан, или за првиот паднат испит на факултет. Кога се' уште плачев за неважни работи. Тогаш не ќе знаев дека се плаче и за љубов. Или од неа. 

Посакувам да те запознаев во некое друго време. Сеедно дали порано или подоцна. Само не тогаш. Можеби во пролет. Не во зима. Можеби пролетта ќе ми беше потопла. А со тоа и срцето. Посакувам да те запознаев во некое друго време, во друг свет, на друго место. Каде нема зима. Свет каде нема лаги. Каде ништо не боли. Свет во кој има само едно годишно време, пролет. Па да ми цветаа трендафили, а не трње. Свет во кој нема порано или подоцна. Да те запознаев сега и тука, и тоа да беше засекогаш. Посакувам да те запознаев во таков свет. 
И сигурно немаше да пијам рум со портокал. 



Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ