МОЈОТ ФУСТАН СО БОЈА НА БИСЕР


Погледна низ прозорецот, ноќ. Погледна на часовникот, два часот по полноќ. Око не можеше да склопи. Прозорците беа оставени без завеси, од вчерашното чистење, па можеше да го види небото убаво. Ведро, но ѕвезди онде овде. Само  Месечината светеше, и неа како да не ја фаќаше сон. Хах- се насмевна, та не ќе се мажи таа, јас ќе се мажам- си помисли. Во собата тивко, во срцето громови. Се обидуваше да го смири дишењето, но попусто. Градите водеа танец, горе-долу, горе-долу.. Погледна низ прозорецот, ноќ. Погледна на часовникот, речиси 4 часот наутро. Ни овци не помагаа, ни од 100 наназад, ни трепкање со немирните очи, никакви животни, инсекти, техники, ништо. Попусто беше, секој труд беше залуден. Очите ѝ беа ширум отворени. 

Мрак во собата, а неа ѝ се гледаше кристално јасно. Убавите смарагдни очи ѝ се наполнија солзи кога го виде фустанот закачен на орманот. Трепна брзо и воздивна. Од горе до долу на орманот висеше преубава венчаница со боја на бисер. Мека и свиленкаста, со тантела и чипка и волшепство во секој сантиметар. Имаше голема машна која се врзуваше на половината, чипка и тантела која од градите одеше преку рамената, се слеваше надолу по грбот и се спојуваше со машната. Половината тесна, малечка, пустата не ја собираше на ниедна кукла кај кројачката. Како огромен светкав бисер висеше во собата. Очите ѝ се наполнија восхит и солзи. Ама лицето ѝ се грчеше од насмевка. Се смееше и плачеше истовремено. Возбуда, страв, тага, среќа, радост... што ли немаше во нејзината душа. Одвај чекаше да ја облече венчаницата. Да се заврти онака како на филм. Да ја распостеле и душата заедно со неа. Замижуваше, ама само на момент, да замисли како ќе изгледа во неа. Како свилата ќе ѝ го гали виткото тело додека го провлекува низ неа. Како ѝ го бакнува секој сантиметар од нејзината мека кожа. Чувството ја скокоткаше во стомакот, ѝ ги полнеше градите и очите. 

Се гледаше себеси како стои пред големото огледало во ходникот. Ги облекува чевлите, една по една. Оп, се извишува и се насмевнува на тоа. Во рацете држи цвеќиња. Нежни кремасти и ружи во боја на шеќерна волна, зелени срамежливи ливчиња, пупки, разиграна гипсофила, стегнати со машна од коноп и слама. Боите беа внимателно избрани, работите беа под конец од првата до последната. Се вртеше така, фустанот ѝ се лелееше помеѓу нозете, косата ѝ беше високо собрана, но неколку руси прамени ѝ паѓаа на рамената галејќи ја. Она што го слушаше навечер пред спиење како малечка, она што го читаше во прво одделение, она што го гледаше во филмовите, сега го гледаше во огледалото. Од глава до пети. Се смешкаше задоволно. 

Ја здогледа мајка си. Срцето ѝ лупаше забрзано, корсетот ја стегаше додека дишеше длабоко. Нејзината мајка. Нејзината болка, нејзината среќа, тага, слабост, нејзината поддршка, нејзиниот најголем борец. Во нејзините очи го виде одразот на своите очи. Во нејзиното лице своето. Кога ја здогледа убаво забележа колку личат тие една на друга. Мајка ѝ беше едноставна жена. Кога таа и нејзината сестра ги бојадисуваа косите им велеше дека ќе останат без нив. А за себеси велеше дека ќе ја бојадисува косата кога ќе и се појават бели влакна. Дотогаш никако. За среќа бели влакна немаше. Секогаш беше пристојна и едноставна. Децата и беа на прво место целиот живот. Им ја посвети секоја минута, секоја капка пот, секоја бора на нејзиното лице беше по една грижа за нејзините деца. Таа за неа беше најдобрата, најмилата, најубавата, најпаметната, мајка над мајките. Жена кралица. Сега така и изгледаше. Се гледаа очи в очи. Очите им беа исти. Модро зелени, големи, чисти, и ширум отворени. Мајка ѝ ја гледаше со восхит. Нејзиното прво чедо. Нејзината убавица, нејзината паметница, нејзината пеперутка ја мажи. Си ветија дека нема да плачат. Стегнаа заби и го исполнија ветувањето. Како две друшки што си ги знаат тајните, се гледаа од далеку цело време. Знаеја дека ако си ги слушнат срцата, ништо од ветувањето. Играа на сигурно. Молчеа, а во себе врескаа. Од среќа. И од тага.                                   

Десетици очи ја гледаа. Стотина прсти ја допреа. Две очи и десет прсти и фалеа. Еден мил поглед недостасуваше во собата. Еден човек џин со душа од кашмир. Една силна рака, едни топли очи. Еден човек планина. Да беше тука... Собата претесна, ама за уште еден место имаше. Игла немаше каде да ставиш, а пак празна изгледаше. Неа ја сакаше најмногу. Му беше прво внуче, прва радост. На дедо злато беше. Само така ја викаше. Најубавите приказни тој ѝ ги раскажа. Најпаметните работи од него ги научи. Тој беше нејзин Дедо мраз секоја Нова година. Тој беше нејзин личен шофер секогаш кога ќе се разболеше. Тој беше нејзин пример како треба еден маж да се однесува. Тој .. не беше тука сега. Одвај ги задржа солзите, надевајќи се дека ја гледа од таму некаде. Па уште повеќе се насмеа, уште повеќе се разигра, за да види дека е среќна и весела.  

Сите играа, пееја, смеа и восклик се ширеше во воздухот. Уште малку и ќе му се предаде нему. На човекот на својот живот. На господарот на нејзината душа и тело. На човекот што ја љуби повеќе од сопствениот живот. Уште малку и ќе му каже да на човекот чиј прстен ќе го носи на рака и во добро и во зло. Пред законот и Бог ќе му вети дека ќе го чува, ќе се грижи за него и ќе го сака додека го дише воздухот. Уште малку.. ѝ застана кнедла во грлото. Време е. Ајде време е.                                                 

"Ајде мила време е"- слушаше нечиј глас. Време е.... време е.... ајде... Ги отвори очите. Трепна неколку пати. Ох, таа сонуваше! Само што сакаше да прсне во плач, го здогледа бисерниот фустан закачен на орманот. Воздивна. Време беше.



Comments

  1. Преунаво, со среќа нека е.

    ReplyDelete

Post a Comment

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ