ЌЕ МОЖЕШ ЛИ?

И се' да ми дадеш јас ништо ќе немам. 
И светот пред нозе да ми го ставиш нема да го видам. 
И една цела градина со цвеќе да ми засадиш, 
ни еден цвет нема да помирисам.
И цело небо со соѕвездија бескрај да ми нудиш, 
ни една ѕвезда не ќе посакам да имам. 
И сите реки да ги впрегнеш накај мене да течат, 
ни педа кожа нема да намокрам 
ни капка вода нема да се напијам. 
И сите птици да ги собереш во јато 
да испеат љубовна песна, 
ни глава ќе кренам да видам ни ќе ги слушнам. 
Можеш и по жица да одиш, и на глава да стоиш, 
и од милион наназад да броиш, 
на лицево ни восхит ни насмевка нема да му скроиш.  
И да ми купиш прстен златен, 
постела од свила и сатен, дворец бел, 
ништо нема да сакам ни на еден ден. 
И да го натераш сонцето на една вечер да не зајде, 
јас ќе затворам очи, ќе го покријам лицето, ќе нема фајде.
Не кажувај, не прашувај ништо. 
Ќе замижам, ќе молчам. 
Ништо не сакам, освен едно. 
Ќе можеш ли? 
Времето да го вратиш.


Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ