ИМА НЕШТО ПОВАЖНО ОД ЉУБОВТА

Ме сакаш ли? 
Цел живот најважна од сѐ ми беше љубовта. Секоја
љубов. Откако паметам за себе, тежнеам да живеам со љубов. Онаа детската кон своите играчки, љубовта кон мама, кон своето маченце, подоцна кон татковината преку преубавите состави во трето одделение, љубовта кон пишаниот збор, преку првата симпатија и таа платонска љубов, па се до потрагата на љубовта на мојот живот. И цело ова време мислев дека љубовта е најважното нешто. Важно ми беше да знам дека сум сакана. Се додека не почувствував дека има нешто друго што е поважно од љубовта. Се додека не почувствував колку боли да не те почитуваат. Грозно. Чувството е толку лошо што посакуваш да излезеш од сопствената кожа, да те снема, да се отвори земјата и да те голтне. Посакуваш да добиеш амнезија која никогаш нема да исчезне како не би ја почувствувал уште еднаш таа болка. Тежнеејќи да бидам сакана, дозволив да бидам непочитувана. Заборавив дека пред да бидам жена јас сум човек. Посветувајќи го целото свое време, енергија, трудејќи се од петни жили до последниот атом да покажам колку многу можам да љубам и дека љубовта е највредното нешто што го имаме, заборавив на сѐ друго. Заборавив на себе си. Лицето ми е толку вцрвенето и отечено вртејќи го другиот образ постојано, што кога наутро се погледнувам во огледало гледам уморен лик на една жена која не ја познавам. Јас иако сум поборник за онаа чиста и искрена љубов кога даваш, а не очекуваш ништо за возврат, не сум светица, човек сум. Човек од крв и месо, кој има срце, душа и ум. Заматен ум. Секоја клетка ме боли. Шчо направив и шчо требаше да направам?  Како да бев испратена на задача, секојдневно, деноноќно, секој час, секоја минута и секунда, ја потрошив на неа. На љубовта. Мојата чаша со љубов секогаш се прелеваше. Ја сакав таква и туѓата. Постојано прашував.. Ме сакаш ли? И никогаш не бев сигурна. Јас својата неуморно ја докажував, одново и одново. Туѓата беше скржава. Таинствена. Секое утро смислував во што ново да ја облечам мојата љубов овој ден. И кога ќе побараше само кошула и го давав и своето палто па макар измрзнала до коски. Со што да ја нагостам? Што да и подарам? Како да ја разгалам? Секој божји ден ја славев како роденден. И само сакав едно делче за мене, едно крајче од колачот пред спиење, едно ронче наутро, за да имам сила за денот долг. И секогаш мислев само на неа, мислев дека таа е најважна. Посакувајќи да бидам сакана, заборавив на сѐ друго. На своето достоинство и на својата вредност. Затоа што, да ве сака некој значи да ве почитува. Да ја уживате неговата почит,  да му ја читате од очите и да му ја слушате од делата. Да се грижи за вас, да ве чува, да мисли на вас. Да се грижи дали сте стигнале безбедно дома, дали сте гладни, уморни. Да ви се јави само да ви го чуе гласот и со тоа да одговори на вашето прашање. Затоа што нема ништо полошо од тоа човекот поради кој кога сте го запознале сте ја запреле потрагата по љубовта на вашиот живот, да не ве почитува. Ако вие со радост му подготвувате појадок, а тој со сласт ја јаде вашата душа, не прашувајте -МЕ САКАШ ЛИ? 








Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ