МАМО, ЗОШТО НЕ СИ СРЕЌНА?

Утрово мојата три ипол годишна ќерка ме праша: Мамо, зошто не си среќна? Прашање кое истовремено урнебесно ме насмеа и ужасно ме растажи. Беше вообичаено утро. Ќерка ми се разбуди уште со првите петли. Таа отвора очи уште пред првиот зрак сонце. Рано понеделничко утро. Си помислив, ах зар не можеше да поспиеш уште малку. Прв пат решив да не одам рано на работа и дека ќе си дозволам да поспијам малку повеќе. Со оглед дека вечерта до доцна ја средував куќата, бањање, спремање облеки, ручек од вечер и ситни женски работи низ домот. Но заборавив дека одамна не си дозволувам таков луксуз себе си. Одамна не се прашувам јас. Одамна не се врти светот околу мене и моите потреби. Да не се лажеме, оние чии деца спијат уредно, нормално и доволно(или многу повеќе) за возраста, не разбираат воопшто за што зборувам. Мајка, сопруга, домаќинка, кариеристка. Потребата од квалитетен сон и немање на истиот може да биде толку истоштувачка, безизлезна и поразителна. А стравот од тоа дека можеби нешто не е во ред кога детето за цело време не спие онолку колку што во табелите за возраст е напишано, е ужасен. Во трката да бидеш најдобра мајка за своето дете, добра сопруга на својот маж и најдобар работник во својата професија, некаде ќе потфрлиш. Хроничниот недостаток на сон може да предизвика таков умор од кој понекогаш нема да знаете како се викате. За среќа(парадоксално), јас знам како се викам. Моето име е МАЈКА. Презимето ми е сопруга. Надимакот, најдобар работник. Утрово додека кратко лежевме во постела, веројатно сум размислувала додека сум мајка ќе постигнам ли како домаќинка, сопруга и работник денеска. Можеби неколку минути повеќе сон ќе ми дадеа подобра шанса. Предност на стартот. Можеби и не. Ама изразот на моето лице го прикажал тоа. Па веројатно затоа ќерка ми, ме праша зошто не сум среќна. (Ако нејзините часови во спиење одвај го достигнуваат минимумот, нејзиниот фонд на зборови, нејзината интелигенција, нејзината остроумност, нејзината мудрост, нејзината генијалност, нејзината посебност, го надминуваат максимумот!) Нормално дека се изнасмеав, ја изгушкав најсилно и ѝ кажав дека сум најсреќна на целиот свет со такво генијално мозоче! Се смееше под око, задоволна од она што го постигна. И сфатив дека ќерка ми се буди пред првите петли затоа што нејзиниот глас е најубавиот. Нејзиното, ајде мама стани ми се ручка, е најмилозвучната песна. Се буди пред првиот зрак сонце, затоа што нејзините очи се моето сонце. Па донесов одлука. Си доделувам себе си орден за издржливост, храброст, грижа, љубов и посветеност. 

И си доделувам трофеј за мајка на НАЈПРЕКРАСНОТО ДЕТЕ! 
Ти благодарам Калина што постоиш. Те сакам повеќе од сѐ.
 

 
 

Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ