АКО ПОСТОИ ЗАБОРАВ


Ако постои поубава средба
од онаа со Бог,
тогаш тоа е нашата прва средба.
Ако постои нешто понежно од свила, тоа е твојот допир врз мојата дланка.

Ако постои поубав свет од овој,
тоа е оној во кој сум сакана.
Ако постои нешто подолго од вечноста, тоа е мојата љубов за тебе.

Ако постои поголема светлина од онаа на Месечината,
таа е во моиве очи кога те гледаат.
Ако постои поголема моќ од онаа на разумот, тогаш тоа е моќта на срцето.

Ако постои нешто поцврсто од камен, тогаш тоа е твоето срце.
Ако постои поубав сон од животот,
тоа е оној во кој ништо не боли.

Ако постои поужасна трагедија од онаа на Софокле,
тогаш тоа е мојата.
Ако постои поголем гнев од оној на боговите, тогаш тоа е овој што управува со мене.

Ако постојат поголеми црнила од оние на Чашуле,
тогаш тие се во мојава душа.
Ако постои поголем виновник од тебе, тогаш тоа сум јас.

Ако постои надеж, ќе се покаеш.
Ако постои прошка, ти ја давам.
Ако постоеше заборавот,
не ќе постоеше ти.


Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ