НАДЕЖТА Е НАЧИН НА ЖИВЕЕЊЕ


Колку сме ние себични. Колку сме само слепи и глуви. Живееме со минатото во нас, мислиме на иднината, а со тоа ја пропуштаме сегашноста. Го пропуштаме тоа што е тука присутно, го чувствуваме, го гледаме, го сфаќаме, го слушаме и го сакаме, но не го признаваме. Подаваме раце на бездушници, ги слушаме работите извитоперено и лажно и веруваме само во она во што мислиме дека треба и се помируваме со тоа. А остануваме неми пред надежта. Пред надежта за нов ден, за нова пролет, нова мисла, нов почеток, нова среќа, нов живот. Каква иронија е животот. Не ги сфаќаме навреме работите и подоцна се каеме. Гледаме и целиме многу далеку, а само да ја кренеме главата и погледот нема да не излаже, надежта е тука.

Тежок или лесен, краток или долг, вистински или лажен, животот е еден. Важно е само која улога ќе ја имаш во таа претстава и на крајот да те запомнат како личност, а не како бројка. Толку прашалници без точки. Како да се наоѓаш на врвот од дното. Стоиш потиштен, злобниот ветер ти удира безмилосно в лице, но чекориш брзо и само напред не обзрнувајќи се околу тебе и сепак остануваш на "врвот’’. Денес се смееш, утре плачеш, денес имаш сѐ, а утре си никој и ништо. А кога ќе дојде тоа "утре" пак нема да бидеш сам, сѐ уште ја имаш неа, надежта. Таа е и сонце и облак , и лето и зима, и светлина и мрак, затишје пред бура. Таа е среќа, копнеж, светлина и сила. Таа е сѐ што ти треба. Секој има своја мисија, своја болка, своја среќа, своја тага, своја загатка, свој сон, своја мудрост, и секој заслужува надеж, мала, крута, далечна, но сепак своја.

Кога чувствуваш замор од сѐ и се предаваш на агонијата. А чувството без надеж е како куќа без прозорци, дрво без гранки, птица без небо, риба без вода, човек без душа. Како ден без утро. А светот без надеж е чиста неубедлива халуцинација. Само магла во која не знаеш каде има процеп. Предрасуди кои треба да ги решиме, сфаќања кои треба да ги побиеме, реалност која треба да ја прифатиме, вистина која треба да ја признаеме. А ние од каде и да тргнеме секогаш се враќаме на истото. Сѐ што ни се случува има смисла, ништо не е случајно. Има ЗОШТО, но има и ЗАТОА. Мора да сфатиме дека сѐ што има почеток има и крај и од првата до последната станица има трнлив пат на кој треба да му се пркоси. И никогаш не треба да се губи надеж. Напротив, треба да се земат уздите во свои раце, да се размислува со ладна глава која воедно секогаш ќе ни биде гордо крената. Ние, и само ние сме сопственици на својот живот. Не треба да бидеме ничии робови но и ничии господари. Треба да бидеме горди, достоинствени, силни и разумни. А надежта е и наша гордост и достоинство, сила и разум.  

Во животот секогаш се случуваат и лоши работи. Работи кои не уништуваат, не прават несреќни, безнадежни. Секојдневно слушаме за несреќи, војни, за нови жртви. Слушаме за фрапантни бројки на заболени од сида, за болести, за нови смртоносни вируси и епидемии. Педофилијата која е чума на новиот милениум, зема се поголем замав. Луѓето се лоши, безмилосни, сѐ почесто прават незамисливи работи. Светот оди надолу и му се заканува опасност од уништување. Но и кога мислиш дека сѐ е готово, сѐ е уништено, дека со твојот неморал сѐ отишло "по ѓаволите" сѐ уште има лек. Надежта! Надежта сѐ уште е тука, таа секогаш ќе биде тука за да не врати во колосек. 

Краток е животот за да гледаме песимистички на нештата. Надежта е таа што ни дава верба и сила да продолжиме понатаму, да бидеме трпеливи и да се надеваме. Да научиме да се толерираме себеси и да ги толерираме другите. Само така ќе можеме да се вратиме на вистинскиот пат во вистинско време. Само така ќе можеме да го исполниме она за кое сме сонувале, да одиме до крај. Ако имаме надеж и ако знаеме да живееме со неа ќе знаеме дека ништо не завршува тука. Да научиме да простуваме, да забораваме, да се помируваме. Да не бидеме само ледени фигури, туку луѓе со срце. Луѓе кои ја познаваат надежта. Оти таа не крепи, да најдеме решение за тешкотиите, да не се откажуваме од желбите. Таа ни дава енергија, сила, ни дава можност да очекуваме повеќе, да бараме повеќе и да најдеме. Таа не тера од секој ден да го извадиме максимумот, да кажеме денес дека можеме, да не биде доцна утре. Да не пропуштаме денес да дадеме едно извинување, да замолиме, да заплачеме, да сакаме, да се покаеме. Затоа што утре е веќе друг ден, друго време, друга мисла. Да го направиме денес, а утре да му се радуваме и восхитуваме на тоа што сме го постигнале. Само надежта може да ни помогне да ја направиме вистинската работа и по некое време да се огледаме во чистотата на нашите зборови и дела. Во моќта што ја имале тие во минатото кое тогаш било сегашност. За да не плаќаш во иднина за своите грешки, за секоја пропуштена шанса, научи да живееш. Живеј го животот со полни гради, научи да живееш со надежта и за надежта. Таа е еликсир да останеш бесмртен и по смртта. Оти утре ќе ти тежи на плеќите, ќе те пече во душата. А иднината е огледало на сегашноста. И кога ќе се огледаш ќе видиш една расипана душа, едно болно срце, нечиста совест и голема тага. 

Нов живот почнува за нас секоја секунда. Ајде весело да го пречекаме. Мораме да продолжиме понатаму сакале или не, а ќе се движиме подобро ако гледаме напред отколку ако се вртиме наназад. Верувај им на луѓето и тие ќе ти возвратат со искреност, постапувај со нив со величественост и тие ќе се однесуваат величествено. И покрај сите талкања, надежта секогаш се наоѓа во близина и меѓу работите кои ни се на дофат. Таа е тука , постои. На секое ќоше, во секој збор, секоја насмевка, во секоја прегратка, во секој поглед во секоја горчлива солза во секоја нова несреќа. Ја наоѓам во секој цвет, во отстапувањето место во автобус на старицата до мене, ја наоѓам во сонцето кое секое утро изгрева на исток, во птиците кои секоја пролет се враќаат од југ, ја наоѓам во секоја капка дожд. Ја наоѓам во брачниот пар кој и по 50 години брак сѐ уште се држи за раце. Ја наоѓам во сјајот на неговите очи кој се појавува секогаш кога ме гледа, ја наоѓам секое рано утро до мене, малечка стуткана ме буди и ми се смее. Ја наоѓам во секое срце, во секоја душа, во мене, во тебе, во сите нас. Ја наоѓам затоа што ја има!

Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ