ДВЕ ГОДИНИ ПРЕТХОДНО

Беше тоа една вечер чудна, сонував ли бев ли будна. Твоите очи во мене вперени, нежни, таинствени и одмерени.Твоите прсти во мојава коса, очите мои гледаат низ твоите, моето тело покрај твоето. Понекогаш сеуште ми се чини дека ќе се разбудам. Се штипкам, ги затворам очите и повторно ги отворам. Се насмевнувам скришум само за себе и знам, не сонувам. 

Кога прв пат те видов, чиниш за тебе сум сонувала цел живот. Убав, висок,  од крв и месо, стоеше до мене, а некој како да ми шепотеше.. ова е човекот што го чекаш. Твоите погледи ми ги галеа срамежливите образи, гласот твој ми го разигра срцето како рајска птица на моето рамо, а твоите случајни допири ми ја топлеа душата. Од тој ден ти стана замислена оска околу која се врти мојот свет. 

Велат времето не застанува. Не е точно. Кога за прв пат ми ги допре усните целиот универзум застана за миг. Само јас и ти, твоите усни ги љубат моите како никој дотогаш. Од тој ден повеќе ништо не е исто. Кога ти ја дадов раката не знаев дека ти го давам срцето, сега знам. Со тебе живеам пролет среде зима. Ти го пресели сонцето во моите очи. Ме држеше цврсто кога со врвот на прстите почувствував како да го допирам небото. Ти, човек џин со душа од кашмир. 

Мојот живот е поделен на два дела. Времето пред тебе и времето после тебе. И ако некогаш се разбудам, само ќе се насмевнам.. мојот најубав сон. Не е важно дали ќе направиме се' што сме кажале. Не е важно каде ќе бидеш по некое време. Важно е дека денес си господар на моите мисли и потстанар во моето срце. И знам, на некој начин секогаш ќе останеш таму. 

(јануари, Струга) 



Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ