Прозорецот од другата страна на реката

Со месеци навечер пред спиење фрлав поглед кон еден осветлен прозорец од една висока кула на ридот од другата страна на реката. Понекогаш и со часови стоев до мојот прозорец и гледав таму. Светлината што доаѓаше од таму иако далечна ме заслепуваше, небаре самата месечина дошла на прозоров да ми биде друшка во тивката ноќ. Стоев и гледав. Само јас, месечината и осветлениот прозорец од кулата. Безброј ноќи ги поминав со помислата да сум таму.. Да можев некако да појдам, барем само скришум да ѕирнам. Само еднаш да можев да ја видам светлината одблизу па макар ослепела за навек. Со милни очи ја гледав месечината, со поглед ја молев да ми помогне.. но и пред да успеам да изустам и збор, таа се криеше позади некој облак црн. Се завиткуваше целата и молчеше. Не знам дали од сожалување, од прекор или срам.. Но јас не се откажував. Стоев, гледав и чекав во тишина. Бессони ноќи поминав, многу студени утра дочекав. И секоја ноќ повторно и повторно застанував до мојот прозорец и гледав таму. Се додека една ноќ не ја загубив таа навика. Кога поткаснувајќи ја долната усна сфатив дека секоја проклета ноќ светел и соседниот прозорец.


Comments

Popular posts from this blog

ДА ТЕ САКАМ, МАЛКУ Е

Скопје, додека силно те сакам имам најмалку 22 причини да те мразам

ЧАЈ ОД МАЈЧИНА ДУШИЦА И СПОМЕНИ